Дали државните нафтени резерви не се променети повеќе од 5 години, и дали доколку како такви се пуштат во употреба ќе имаат намален квалитет, прашува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на оваа партија, Марија Митева изјави дека владата не кажува апсолутно ништо за тоа што ќе преземе државата во насока на смирување на инфлацијата која ги осиромашува граѓаните, не кажува дали и какви мерки презеле македонските компании да го преживеат овој период и дали и какви мерки ќе преземат за обезбедување на основните намирници во рамки на стоковите резерви народот бара одговори и одговорност.
„Сосема легитимно се поставува прашањето дали во неколку склада на нафтени складишта во Македонија не се променети нафтените деривати повеќе од 5 години? Дали тоа значи дека истите доколку бидат пуштени во промет ќе бидат со изгубени хемиско-физички својства односно со изгубен квалитет? Владата треба да одговори колкава количина на нафтени деривати има и за колку дена непречено ќе се овозможи стабилна потрошувачка во Македонија? Владата треба да одговори и што направила во врска со неопходните залихи на гориво и дали во земјава има доволно?“, праша Митева.
Опозицијата побара од Владата задолжително да одговори колку се стабилни нафтата и нафтените деривати и на истото да не одговара со веќе видени изјави дека станува збор за класифицирани информации, туку да одговори конкретно дали се преземаат мерки и дали стоковите и нафтените деривати се стабилни.
„Имено, владата треба да предвиди дека од досегашниот тек на настаните цените на нафтените деривати дополнително имаат тенденција на раст, а со тоа ќе растат и цените во малопродажба што ќе предизвика огромен економски шок за граѓаните и компаниите“, рече Митева.
ВМРО-ДПМНЕ апелилира до Владата беднаш и без одлагање да ги прифати поднесените барања за намалување на вкупните акцизи на горивата за 50 проценти.