Владата на редовната седница ја разгледа и усвои Информацијата за давање согласност за преземање обврски на Министерството за здравство за набавка на вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации за потребите на населението за тригодишен период и тоа од јануари 2021 – декември 2023 година.
Притоа Владата даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот и беше утврдена динамиката за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредните 2021, 2022 и 2023 година на Министерството за здравство со задолжение за текот и прогресот на активностите во врска со ова прашање да ја информира Владата на секои девет месеци, се до конечна реализација на набавката.
Владата го усвои и записникот од последниот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Ковид-19. Притоа, министерот за здравство Венко Филипче ги информираше и членовите на Владата за она што претходно беше објавено во јавноста, односно дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година и дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании.
Министерот за здравство информираше дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид болните лица се полупразни и беше констатирано дека мерките кои беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на вирусот донеле резултати.