Утрински Весник
Македонија

Вкупно 31 заболен од коронавирус, политичарите согласни дека изборите треба да се одложат

Вкупно 31 заболен од коронавирус, политичарите согласни дека изборите треба да се одложат

Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Вкупната бројка на заболени од коронавирус во нашата држава изнесува 31, од кои четворица здравствени работници. Лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски се согласија дека треба да бидат одложени парламентраните избори на 12 април – приоритет во актуелната ситуација треба да бидат животите и здравјето на граѓаните.

Министерот за здравство Венко Филипче, вчера соопшти дека се дијагностирицирани пет нови случаи со коронавирус, од кои четворица се здравствени работници од приватна здравствена установа од Дебар.

–   Од петте новозаболени освен четирите здравствени работници од Дебар, позитивен е тестот на сопругата на веќе дијагностицираниот пациент којшто тест го потврдивме од болницата „Жан Митрев“ и таа ќе биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, рече Филипче.

Уште еднаш тој упати апел порака до здравствени работници дека трудот и напорот и улогата која што се дава во овој момент е непроценлива, а до граѓаните да се придржуваат до мерките.

– Затоа мора да водиме грижа за сите нас, а за граѓаните уште еднаш ја повторувам пораката – останете дома и најстрого придржувајте се до мерките за заштита и превенција, истакна Филипче.

Првите од групата македонски државјани кои беа заглавени на границите и се чекаат да се вратат во државата преку граничниот премин Деве Баир веќе се пристигнати и упатени на место за изолација – касарната Пепелиште на Криволак каде е првиот прифатен пункт за изолација на граѓаните кои се враќаат од држави со висок ризик.

Истовремено се прави скрининг на сите патници кои со авион од Брисел вчера слетале на аеродромот во Скопје, откако според информациите имало македонски државјани со симптоми.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера образложувајќи зошто се уште не е воведена кризна состојба на цела територија поради пандемијата од корона вирусот, наведе дека раелно немаме ресурси за да се воведе кризна состојба на цела територија.

– Една работа е да имате на територија на две општини кризна состојба, друго е да имате на три или на четири. Вчерашната проценка беше дека добро е да воведуваме кризна состојба како што одредени општини ќе доаѓаат на дневен ред со вирусот, изјави Пендаровски.

Посочи дека вонредната состојба може да дојде на маса, не за носење мерки кои ќе го спречат ширењето на вирусот, туку за справување со економската ситуација, бидејќи во тој случај Владата може да владее преку уредби со законска сила.

Нагласи дека полека влегуваме во сериозна економска криза и дека според првичните проценки ако продолжи ова темпо, државата ќе треба да позајми од 500 до 700 милиони евра.

Првиот случај со коронавирус во државава беше регистриран на 26 февруари во Скопје. аа/нд/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?