Графичко учебно помагало за македонските соросоиди од Шишман, кои сакаат да ја пуштиме Република Северна Македонија во ЕУ веднаш и без никакви услови. Ова е скопски учебник. Како ли гледаат на оваа расна теорија нивните работодавачи во странските амбасади?, напиша Џамбаски.
„Вистиномер“ се обрати до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија за официјален одговор, дали во образовната програма за кое било одделение од основното образование, или за која било година од средното образование, во употреба е учебник со ваква содржина. Забележавме дека изјавата на европратеникот Џамбаски е поткрепена со фотографија од наводниот учебник, од која што е очигледно дека текстот е напишан и на германски јазик и на македонски јазик. Спорното тврдење илустрирано на оваа фотографија е дека „има само три крвни групи и три раси: Македониди, Монголоиди и Негриди, а сите други се Мулати“.
Не постои учебник со ваква содржина, напишан на македонски и на германски јазик, којшто е во употреба во образовната програма за основно или за средно образование.
Со дополнително истражување, тимот на „Вистиномер“ утврди дека книгата која бугарскиот европратеник Џамбаски ја квалификува како учебник, всушност, претставува приватна публикација, односно книга на авторите Ристо Поповски и Ангелина Маркус, насловена како ,,Филип втори Македонецот”.
Книгата е во издание на Едиција Клеа, испечатена во 2008 година во 1.000 примероци. Како што е наведено во онлајн изданието достапно за преземање во ПДФ формат, книгата е спонзорирана од Жан Митрев и Кардиохирургија Филип Втори. На 28-та страница од книгата може да се најде илустрацијата заедно со тврдењето дека има само три крвни групи и три раси, Македониди Монголоиди и Негриди.
Во неговиот пост, со кој дезинформира за содржините од учебниците во Северна Македонија, бугарскиот европратеник Џамбаски го користи терминот „соросоиди“ за лицата кои се противат на одлуката на Владата на Република Бугарија да го попречи влегувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Организацијата на Евреите од Бугарија „Шалом“ во август предупреди таквите случаи се форма на говор на омраза – антисемитизам, додека во Република Северна Македонија стручњаци за човекови права укажуваат дека според стандардите на Советот на Европа користењето на тој термин е дискриминација.
Оттука, изјавата на бугарскиот европратеник Џамбаски ја оценуваме како невистинита, затоа што книгата не е во официјална употреба во македонскиот образовен систем и уште помалку претставува ,,учебник”, како што тврди тој. Кога се споменува зборот учебник, тоа значи применета литература во официјалниот образовен систем на земјата, што со оваа приватна публикација не е случај, пишува Вистиномер.мк.