Утрински Весник
Свет

Вирусолог од Оксфорд: Вакцинацијата против Ковид-19 се очекува пред Божик

Вакцината на Оксфорд е една од водечките во трката за заштита од коронавирусот

Тим научници на Оксфорд се ближи до крајот на клиничкото испитување на вакцината против коронавирус. Испитувањето се врши на над десет илјади луѓе од сите возрасти во Британија и други делови во светот, а пред сè во Бразил каде пандемијата излегува од контрола. Првите вакцинанции се очекуваат пред крајот на годината и тоа не само во Велика Британија.

Вирусологот од Оксфорд, Роб Ламкин Вилијамс за РТС изјави дека во тек е глобално производство на вакцината.

На прашањето колку е близу Британија до развојот на вакцината, тој вели:

„Многу близу. Со оглед на тоа дека во тек е огромно клиничко испитување, групата во Оксфорд се надева, иако сè уште нема никакви гаранции, дека првите вакцинации ќе почнат пред Божик. Вакцината веќе се произведува на неколку локации во Европа и Америка, и што е уште поважно, во Серум институтот во Индија. Значи, веќе во тек е глобално производство на вакцината, која ќе биде употребена доколку клиничките испитувања се покажат успешни“.

Тој додаде дека во испитувањето се вклучени луѓе на сите возрасти, како и испитаници кои спаѓаат во ризични групи.

„Во ова студија добиваат или вакцина или плацебо, а ни самите, ниту лекарите кои им ја даваат вакцината, не знаат дали е вистинска или не. Кога студијата ќе биде завршена, се споредуваат резултатите од вистинската вкацина и плацебото. Стискаме палци вакцината да делува“, вели Ламкин Вилијамс.

Тој кажа дека во тек е производство на две милијарди вакцини, од кои половина милијарда во Индија.

На прашањето како ќе се одвива вакцинацијата, дали во две фази, Ламкин Вилијамс вели:

„Тоа е одлично прашање, затоа што не знаеме дали заразата создава имунитет. Минатата недела е објавена студија дека заразените произведуваат антитела, но дека нивната концентрација се намалува во рок од шест месеци. Не знаеме колку време по заразата луѓето се имуни, така да можно е да биде потребна ревакцинација. Тоа не го знаеме, затоа што уште не знаеме доволно за самиот вирус. Минатиот Божик не знаевме ништо за вирусот. Никогаш досега не е развиена вакцина за една година“.

Вирусологот вели дека една од предностите на оксфордската група која ја развива вакцината, е во тоа што работела на слична вакцина за сличен вирус кој го предизвикува МЕРС-от или Блискоисточниот распираторен синдром.

„Тоа значи дека основата на развојот на вакцината и нејзината безбедност веќе постоеја во извесна мера. Значи, станува збор за прилагодување на вакцината на новиот вирус. Исто така, тоа значи дека многу безбедносни мерки се преземени и продолжуваат и сега“, рече тој.

Во врска со цената за вакцината, вели дека Глобалната инцијатива за вакцинација ГАВИ ќе им помогне и на најсиромашните земји да стигнат до неа.

„Цената се споредува со еспресо, но за некои земји и тоа е многу. Постои глобална иницијатива за вакцинација ГАВИ која финансиски ќе им помогне и на најсиромашните земји да дојдат до вакцината“, вели вирусологот.

Лемкин Вилијам вели дека ова е прва од многуте вакцини против Ковид-19 и дека секоја наредна ќе биде посовршена од претходната.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков