Мадрид, 14 март 2020 (МИА) – На почетокот на месецот, Виничиус го постигна првиот гол во „Ел Класико“, со што стана најмладиот реализатор во дербито во овој век, со што го надмина Лионел Меси. Не е тајна дека пред да се пресели во „белиот балет“ Бразилецот имаше понуда од Барселона, но на крајот избра да замине во Мадрид.
– Се започна веднаш штом се вратив од Јужноамериканскиот шампионат се додека не наполнив 17 години во Чиле. Имаше гласини во печатот веќе, но не верував во нив. На крајот се случи: и Реал Мадрид и Барселона имаа понуди за мене. Само три дена имав да донесам одлука. Отсекогаш сум сакал да играм за најголемиот клуб и затоа го одбрав Реал Мадрид, изјави Виничиус за „Фор Фор Ту“.
Од Барса сметале дека договорот е целосно решен, особено откако Нејмар го повика тинејџерот, но работите не беа така.
– Моите родители ги посетија двата клуба и го претпочитаа Реал. Се совпадна со мојата желба, чувствував дека нивниот проект е подобар за мене. Тие им даваат многу време на младите играчи и исто така имаа извонреден период на успех во Лигата на шампионите. Еден од најтешките моменти беше да започнам да играм почесто и да ги натерам луѓето да заборават на сумата која тие ја платија за мене, додаде тој.
„Кралевите“ платија 45 милиони евра за талентот, но тој веќе почнува да наоѓа сè повеќе простор во тимот на Зинедин Зидан.