Утрински Весник
Македонија

(Видео) Ќе се забрануваат пластични ќеси, ќе се воведе еколошки дизајн на пакувањата

(Видео) Ќе се забрануваат пластични ќеси, ќе се воведе еколошки дизајн на пакувањата

„Соочени со бројните долгогодишни предизвици во животната средина во време на пандемија, се фокусиравме на воведување на политики кои ќе обезбедат подобра имплементација на еколошките стандарди и заштита на нашата околина, но и преземавме конкретни мерки за обезбедување на правото на здрава животна средина на секој граѓанин“, изјави министерот Насер Нуредини давајќи отчет за работата на Министерството за животна средина и просторно планирање во првите 100 дена од новата Влада.

Тој посочи дека до Собранието се поднесени измени на девет закони од областа на животната средина, во кои се предвидени до дваесет пати повисоки казни за загадувачите, и дополнително со новиот Закон за прекршоците е предвидено е секој што ќе ги прекрши законите од областа на животната средина или нема да работи согласно дозволите, покрај тоа што ќе мора да ја плати казната, ќе треба да ја надомести и сторената штета.

Подобрувањата на регулативата и построгите стандарди, главно се фокусирани во три клучни области: рамковниот закон за животна средина, на воздухот и на отпадот.

„Со предложените измени на Законот за животна средина создадовме алатка за справување со историското загадување и жешки точки во државата преку утврдување на методологија за идентификација и систем за ремедијација на историското загадување и жешки точки, со конкретни обврски за ремедијација и со пропишување на содржината на Планот со кој истата ќе се спроведува согласно светските стандарди. Дополнително, се утврдија нови надоместоци за животна средина според испуштените емисии, заради стимулирање на по еколошки возила. Истовремено, изготвивме и доставивме до Собранието и измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух со кои се утврдија критериуми и донесување на Листа на општини кои ќе мораат да изготват Планови за чист воздух за своите граѓани. Дополнително, согласно ЕУ законодавството, се пропиша обврска за донесување на Краткорочни акциски планови во периодите кога имаме високи концентрации на загадување во одредени општини, кои ќе мора да бидат одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање и да содржат конкретни задолжителни мерки кои се однесуваат на транспортот, индустријата, ранливите групи, работното време и така натаму. Доколку општините не ги спроведат овие мерки, Владата ќе може да предвиди стапување на сила на вакви рестрикции не само како препораки, туку како наредби“, потенцираше Нуредини.

Започнати се и нови активности чии резултати во претстојниот период ќе бидат видливи за јавноста. Меѓу нив се законските решенија за кои веќе се изработени нацрт верзии и за кои ќе следи процес на јавна консултација: нов Закон за природа, Закон за контрола на индустриски емисии и Закон за инспекција во животната средина. Како мошне важен исчекор на Министерството, во поставувањето на повисоки еколошки стандарди во државата, според Нуредини, е изработката на сетот на шест нови закони за управување со отпадот, со кои комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот. Предлог законите се веќе во владина постапката и во најкус можен рок ќе бидат испратени во Собранието.

Суштинските придобивки, како што нагласи Министерот за животна средина, се што ќе се зајакнат обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот. Се воведува хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депониите.

Се воведува финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил. Предвидена е забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.

Одговорноста за целиот финансиски циклус на отпадот од посебните текови од производство до рециклажа е на производителот, а на граѓаните останува селекцијата на отпадот. Општините заедно со колективните постапувачи имаат јасни обврски за овозможување на оваа услуга на сите граѓани.

Во делот на планските и стратешки политики, во првите сто дена, МЖСПП изработи Национален план за управување со отпад за периодот 2020-2030 и го заврши процесот на стратегиска оцена на животната средина на Планот. Исто така се изработи и нова Методологија за изработка на просторни планови во Република Северна Македонија, како подготвителна активност и започната е изработка на новиот современ и дигитализиран Просторен план на РСМ, со јасна визија за влијанијата на климатските промени за наредните 20 години.

Сериозен прогрес е постигнат и од аспект на климатските заложби, па така, покрај изработката на првата работна верзија на нацрт-законот за климатска акција кој наскоро ќе започне да се разгледува во пошироки консултации во работни групи, доставен до Владата е и Трет двогодишен извештај за климатски промени и Ревидиран Национален утврден придонес кон Договорот од Париз со зголемена амбиција при што како држава ќе се обврземе за до 51% редукција на стакленичките гасови до 2030 година. Со изработка на овие плански документи РСМ е далеку понапред од соседните држави, па дури и од некои држави членки на ЕУ.

„Исклучително сум горд што како Влада, на наша иницијатива, во првите сто дена прогласивме ново заштитено подрачје во државата. Осоговските Планини станаа заштитен предел со што на национално ниво процентот на заштитените подрачја се зголеми за 1,9 %, и обележавме значаен придонес во исполнување на Аичи целите на Конвенцијата за биолошка разновидност и препораките на ЕУ Директивите за живеалишта и птици“, рече Нуредини.

Покрај тоа, беше изготвен е нацрт-закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, и комплетиран процесот на консултација со јавноста. И покрај предизвиците заради пандемијата, експертскиот тим и секторите на Министерството направија напор преку сите електронски канали за комуникација, медиумски презентации, отворени телефони и низа теренски активности и состаноци, да обезбедат учество на јавноста во креирањето на предлогот. Во тек е разгледување на пристигнатите коментари од голем број различни засегнати страни и теренски активности и дополнителни средби за усогласување и добивање на финален, усогласен Предлог Закон кој ќе ги обезбеди барањата, пред се, од локалното население.

Во информирањето за работата во првите 100 дена, министерот Нуредини реферираше и за активностите што се преземени во однос на трендот на намалување на водостојот на Преспанското Езеро, што веќе, за жал, достигнува алармантни размери, потенцирајќи дека централната и локалната власт, заедно со стручната јавност со ова прашање се занимава од почетокот на годината на национално и меѓународно ниво.

„Во првите сто дена од новиот мандат јас остварив и директни средби и телефонски разговори со ресорните Министри и високи претставници на Албанија и Грција заради започнување на работата на трилатералниот Преспа Парк комитет и работните групи. Но, она за што сум посебно благодарен и горд, е тоа што Експертската работна група за спас на Преспанското Езеро, со претставници од надлежните институции, академијата и невладиниот сектор ја заврши нашата домашна задача. Со исклучителен и студиозен напор Експертската работа група пристапи кон изработката на итен Акционен План со мерки и приоритетни активности поради намалувањето на нивото на водата во Преспанско Езеро, пропратен со финансиска конструкција за имплементација на краткорочните и среднорочните документи. Планот е во владина процедура на усвојување, и сите документи се достапни за јавноста на нашата веб страница. Искрено се надевам дека имплементацијата ќе започне во најкус можен рок, и дека ќе успееме да ги намалиме антропогените притисоци врз оваа клучна жешка точка на биодиверзитетот, која ги трпи последиците од климатските промени, природните циклусни осцилации, но и често пати неодговорното однесување на човекот кон природата“, рече Нуредини.

„Со силна верба дека со поставување на повисоки еколошки стандарди и дека со заеднички сили во поддршката, примената и контролата на исполнување на истите ќе успееме да ја зазелениме нашата држава и да обезбедиме здрави животни услови за сите нас.Потребно е многу мало невнимание за деградирање на животната средина, а многу време и посветеност за нејзино враќање во живот.Апелирам за вклученост и придонес на сите во борбата со загадувачите, во заложбите на институциите и во остварувањето на целите за одржлив развој. Зелениот развој е возможен, само бара одговорност од сите“, порача Нуредини.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија