Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска ги демантираше информациите кои против него ги изнесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на тоа дека плаќал околу 10.000 евра годишно за консултантски услуги од неговата адвокатска фирма.
„Очигледна е безидејноста, очигледен е стравот, очигледна е немоќта на ДПМНЕ да одговори на новите градски политики кои јас ги креирам во изминативе три години и чии резултати се од ден на ден се повидливи и добро прифатени од граѓаните. Кога е таа структура во прашање тргнуваат кон креирање на лаги, на манипулации. Денеска од страна на портпаролот беше искажана една голема лага да се прикаже дека јас како градоначалник сум го плаќал сопственото адвокатско друштво за консултантски услуги“, рече Шилегов кој додаде дека уште како пратеник во Собранието има склучено договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое го плаќа него.
„Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупцсика комисија кога станав градоначалник. За тие средства од 50.000 денари уредно плаќам данок. Ги повикувам, да се радуваат на развојот на нашиот град, на она што градот изминативе три години чекор по чекор го постигна“, додаде тој нагласувајќи дека откако е градоначалник ниту еден денар од градската каса не е влезен во неговот адвокатско друштво.