Утрински Весник
Македонија

(Видео) Шилегов: Сквер Јадран ќе добие нов лик

(Видео) Шилегов: Сквер Јадран ќе добие нов лик

Уредувањето на Сквер Јадран, во центарот на градот, е во целосна согласност со тенденцијата на Град Скопје да ослободи и да уреди колку што е можно повеќе простор за пешаците и за велосипедистите, рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на реконструкцијата на овој сквер. На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателот на здружението „Гоу Грин“, Антонио Јовановски.

Градот Скопје ја поддржува акцијата што ја презема Општина Центар, таа е во насока на она што и Градот Скопје го работи на подрачјето на Малиот ринг. Знаете како денес изгледа делот од плоштадот каде што порано на секој дожд се создаваше вирче и граѓаните не можеа да го користат, знаете како порано тротоарите кај „Тинекс“ беа користени за паркирање, облагороден е просторот пред Пошта, а во моментов се работи спроти Охридска банка. Централното градско подрачје треба да стане простор којшто ќе служи на потребите на граѓаните, а не на нивните автомобили – рече Шилегов.

Градоначалникот Богдановиќ денеска најави дека во текот на реконструкцијата на Сквер Јадран ќе се заменат бекатон-плочките и рабниците, ќе се постават нови клупи, корпи и корпи за селектирање на отпад, ново осветлување и нови дрвја со систем за наводнување.

За првпат на територијата на Општина Центар и воопшто на територијата на цела држава, ќе бидат поставени паметни клупи на јавна површина од страна на здружението „Гоу Грин“. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет и можност за полнење на мобилни телефони – најави Богдановиќ. Со цел проектот што го реализира Општина Центар да биде поуспешен, обезбедена е и донација од Еврејската заедница за нов дрворед од јапонски цреши.

Антонио Јовановски објасни дека проектот „Еко иновативни зони“ по иницијатива на „Гоу грин“ наишол на целосна поддршка од Општина Центар и со поддршка од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој, успеале овој проект да стане реалност.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Завршни зборови за убиствата на Вања и Панче: Нема никакво оправдување за убиство на невино дете, кое ни на сон не им сторило ништо на четворицата обвинети

Обвинителството тврди дека Палчо од таткото Александар разбрал кое време Вања ќе оди на училиште и дека ќе оди сама

Одбраната на Боре Видевски не ја донесе снимката од бензиската „Макпетрол“ во Велес, на која наводно се гледа Жежовски како полни бензин