Инспекторите продолжуваат со засилени контроли на терен, обврската за одговорна прослава е заедничка, изјави претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска.
Таа истакна дека со цел одговорно прославување на претстојните празници, инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на протоколите кои ги носи Владата ќе ги интензивираат теренските контроли и активности.
На прес конференцијата беа истакнати и податоците од спроведените инспекции извршени во периодот од 8 декември – 16 декември.
Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период извршени се 99 надзори и издадени 18 решенија. Издадени се и вкупно 14.951 решение за изолација и домашно лекување на лица позитивни од коронавирус и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус.
Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 5.031 контроли и 510 надзори, а изречени се 30 прекршочни пријави, 60 решенија за констатирани неправилности, како и 30 прекршочни патни налози.
Во истиот период, Инспекторатот за транспорт извршил 82 надзори и изрекол 13 прекршочни пријави и 8 решенија за непочитување материјални закони.
Државниот инспекторат за труд, во изминатите 10 дена извршил 669 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрекол 26 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи.
Од страна на Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД, во истиот период спроведени се 46 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона. При тоа, издадени се 3 решенија согласно Законот за лекови и медицински помагала.
Од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршени се 445 надзори, при што издадени се 13 решенија, 19 едукации и 4 ППН, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање, чување и означување на производи .
Државниот инспекторат за животна средина, во текот на минатата недела извршил вкупно 62 надзори, при што за констатираните неправилности издал 28 решенија со кои правните лица се задолжени да извршат мерења на емисии, да склучат договори за преземање опасен отпад, да изработат Елаборат за заштита на животната средина и да преземат мерки за соодветно постапување со отпадот во кругот на погонот.