Утрински Весник
Свет

(Видео) Уапсени Палестинци кои го поддржуваат планот на Израел

(Видео) Уапсени Палестинци кои го поддржуваат планот на Израел

Палестинската власт уапси неколку Палестинци кои се изјасниле дека го поддржуваат планот на Израел да ги примени своите закони на делови од Западниот Брег, пренесува „Франс прес“.

Во емисија емитувана во јуни на израелската телевизија, израелскиот известувач за арапски работи Зви Јечезкели, интервјуираше Палестинци на улица за нивните ставови за оваа проблематика. Многумина изразија надеж дека Израел навистина ќе го примени суверенитетот на областите во кои живеат.

„Сакам израелска лична карта“, вели еден Палестинец. Друг изјави дека не ги гледа Израелците како непријатели, туку дека нивната влада е непријател. Трет анкетиран рече дека го избрал Израел и дека не се плаши јавно да зборува.

Во друг извештај на „Брејтбарт“ објавен во истиот период беа добиени слични одговори.

„Мислам дека ќе биде подобро да се живее според израелскиот закон. Сè е подобро од палестинската власт што само ни ги украде парите “, изјави И. од северниот Западен Брег во анкетата.

Друг анкетиран рече: „Прашајте ме мене или некој од моите пријатели. Сите претпочитаме да бидеме под Израел. Можеби ќе имаме подобри работни места, поголеми плати, сè е подобро од ова“.

Извештајот на „Брејтбарт“ првично содржи идентификациски детали, вклучувајќи имиња и локации, со експлицитна дозвола на интервјуираните кои изјавија дека не се плашат да зборуваат за тоа што мислат. Сепак, откако дозна дека некои од интервјуираните од страна на Јечезкели биле уапсени од палестинската полиција, „Брејтбарт“ одлучи да ги редактира тие детали.

Извештајот на „Франс прес“ го цитира Јечезкели  кој вели дека најмалку шест Палестинци што ги интервјуирал биле уапсени.

„Се изненадив кога видов дека иако ги замаглував лицата на сите луѓе што ги снимав и ги модифицирав нивните гласови, Управата стигна до нив и уапси некои од нив, тоа е едноставно неверојатно“, рече Јечезкели за АФП.

Од Рамалах негираат дека уапсиле некого, но сепак се потврдени изјавите на палестинските извори, вклучително и оној кој рекол дека негов роднина неколку недели е во притвор кај палестинската полиција и наскоро треба да оди на суд откако му кажал на Јечезкели дека и покрај стравот од апсење, се надева дека Израел ќе им даде државјанство.

Т.н. Визија за мир на американскиот претседател Доналд Трамп предвидува Израел да  анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината на Јордан. Исто така, се разграничува демилитаризирана палестинска држава основана на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда, како нејзин главен град.

Официјални претставници на Палестинската самоуправа предупредуваа за трета Интифада ако Израел продолжи со плановите за анексијата. Палестинското раководство предупреди и дека еднострано ќе прогласи држава заснована на линиите од пред 1967 година.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница