Утрински Весник
Свет

(Видео) Туристи во Бодрум со чамци бегаат од пожарите, Ердоган призна дека земјата нема канадери

(Видео) Туристи во Бодрум со чамци бегаат од пожарите, Ердоган призна дека земјата нема канадери

На југот на Турција, како и на други места во Средоземното Море, со денови беснеат огромни пожари. По петдневните пожари на турскиот брег, бројот на жртвите се искачи на осум.

Повеќе од 120 шумски пожари избувнаа во 17 провинции на егејското и медитеранското крајбрежје на Турција. Иако официјалните лица сега тврдат дека повеќето од пожарите се ставени под контрола, катастрофални снимки и фотографии сѐ уште пристигнуваат од земјата.

Во популарното одморалиште Бодрум, група туристи и хотелски персонал мораа да бидат евакуирани со брод.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, ги посети погодените области. Тој кажа дека пожарите се гаснат со канадери од Русија, Иран и Украина. Тој додаде дека еден пожар во крајбрежниот град Мармарис бил предизвикан од деца.

Според изданието на англиски јазик на независниот турски портал Газета Дувар, Ердоган даде неверојатно признание: Турција нема канадери или други противпожарни авиони.

„Турската аеронаутичка асоцијација нема авион што може да се користи. Работиме со 45 хеликоптери. Има авиони што ги добивме од Русија, Украина и Азербејџан “, им рече Ердоган на новинарите.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година