Утрински Весник
Македонија

(Видео) Спасовски: МВР вчера заплени 1,6 тони дрога во вредност од 3,2 милиони евра

(Видео) Спасовски: МВР вчера заплени 1,6 тони дрога во вредност од 3,2 милиони  евра

Во текот на вчерашниот ден во две големи акции на МВР за сузбивање на шверц со дрога, на две различни локации во државата, на подрачјата на СВР Струмица и на СВР Битола – ОВР Ресен, запленивме 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра., информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Првата акција, како што објасни Спасовски била реализирана од страна на полициски службеници од СВР Струмица заедно со Единицата за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност во содејство со членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели.

„Притоа, извршена е контрола во правно лице во Струмица, регистрирано за одгледување на канабис за медицински цели. Поради констатирани неправилности во работењето на правниот субјект, запленета е непријавена марихуана во вредност од околу 3 милиони евра, со вкупна тежина од над еден и пол тон. Или, попрецизно 1.559,27 килограми, од која 1.041,50 килограми сув цвет, 223,57 килограми сув лист и 294,30 килограми био маса, што е спротивно на член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. За случајот е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти Спасовски.

Дополни дека речиси истовремено, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Ресен при СВР Битола, на патот Охрид – Ресен, кај с.Јанковец, извршиле преглед на патничко возило „шкода октавија“, со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(38) од с.Сачево, струмичко, во кое како сопатник се наоѓал М.Т.(48) од Струмица и во претрес по наредба на Основен суд Ресен, биле пронајдени три торби со марихуана во вкупна вредност од околу 200.000 евра и тежина од околу 50 килограми. Двете лица, како што соопшти првиот човек во полицијата, се лишени од слобода и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава до Основното јавно обвинителство Битола, поради постоење на основи на сомневање дека извршиле кривично дело член 215 од Кривичниот законик.

„Значи, само во еден ден македонската полиција заплени 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра. Ова е уште еден показател дека бескомпромисната борба со криминалот и сузбивањето на шверцот со наркотици продолжува со засилено темпо“, нагласи Спасовски.

Можете да прочитате

Детската клиника доби нов мобилен рентген апарат од Јапонската амбасада

Нестабилно со дожд и грмежи, следните три дена пораст на дневната температура

Лазим Дестани: Во спортот нема простор за говор на омраза