Американските истражувачи снимија видео во кое се прикажува количината на капки што излегуваат од устата и носот кога луѓето зборуваат, кашлаат или киваат.
Видеото кое трае помалку од две минути покажува како различни маски го блокираат испуштањето на честички во воздухот во споредба со случи кога некој човек не носи маска, пренесува американската страница mashable.com.
Резултатите беа објавени во медицинскиот магазин „Торакс“ и ја нагласуваат важноста од носење маска за време на пандемијата на вирус кој се пренесува од човек на човек.
Како што се наведува, маските го намалуваат бројот на капки што заразено лице ги исфрла во воздухот, ги штитат другите луѓе, а има и сè повеќе докази дека добро ги штитат луѓето кои ги носат.
Заклучокот е дека дури и еднослојните маски значително го спречуваат исфрлањето на капки, додека во случај на кашлање и кивање, двослојните маски се многу поефикасни.
Видеото е снимено со камера со висока резолуција, а на снимката се гледа што се случува со капките откако некој ќе кивне или ќе се накашла, како и дека без маскла голема количина честички завршуваат во воздухот.
Се додава дека бидејќи сè уште нема вакцина или лек против вирусот, маските се од големо значење за спречување на ширење на болеста.