Со извикување на паролите „И Ромите се граѓани“, „Нема правда, нема мир“, „Правда за Ромите“, „Роми полицајци“ денеска во Битола се се одржа протест против полицијска бруталност, откако пред два дена битолчани Роми беа претепани од полициски службеници.
Протестот започна попладне, а група граѓани се движеа по Главната улица во Битола, до седиштето на битолската полиција. Тие побараа правда за Ромите, наведувајќи дека е доста со манипулации.
„Денешниот собир е со цел да го изразиме нашето незадоволство спрема одредени полицајци кои на ваков дрзок и кукавички начин претепаа Роми, дел од нив и хендикепирани и немале можност да удрат на едне од службениците. Ги молам сите засегнати институции да преземат поголеми мерки, за во иднина да нема вакви случаи. Многу млади луѓе секојдневно се малтретирани од полиција, но тоа не излегува во јавноста. Бараме помирување со полицијата, не сме против неа, но во иднина да нема вакви инциденти. Ги молиме институциите да се вработуваат повеќе Роми во полицијата“, истакна еден од активистите.
Протестот беше организиран од иницијативата „Аваја“ заедно со здруженијата Ромалитико, Романо Авази, Ромаверзитас, Баирска Светлина, Сумнал, Ромско Јато.
„Аваја го сподели видеото на кое се гледа полициската бруталност на социјалните мрежи, кое предизвика бројни реакции во јавноста. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера информираше дека полицаецот кој на видеото се гледа како тепа еден од граѓаните добил кривична пријава и суспензија од работното место, додека полицаецот кој го придружувал и не преземал никакви мерки за да го спречи насилството исто така е суспендиран и против него ќе биде покрената дисциплинска постапка.
Невладините и вчера тврдеа дека по обелоденувањето на полициската бруталност врз тројцата Роми во изминатите неколку дена, одредени лица шират и побудуваат говор на омраза кон ромската заедница. На денешниот протест во Битола наводно биле сликаше граѓански активисти кои беа дел од протестот и им биле упатувани закани дека јавно ќе бидат објавени дека учествувале на протестот.