Адвокатката Марта Гусар на денешниот протестен марш за случајот „Јавна соба“, проговори за тоа како и таа била жртва на групата на Телеграм, а нејзиниот службен број бил споделуван меѓу членовите.
„Ми пристигнуваа пораки на Вибер каде ми бараа ‘дискретни средбички’. Откако беше споделен мојот број, во првите неколку часа не можев да се соземам, дека мене тоа ми се случува, а тоа може секому да се случи. Направив принт-скринови од пораките и телефонските броеви на Вибер и го пријавив за сексуално вознемирување. Јас сум адвокат и си ги знам правата. Во мојот случај, за два часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил бројот и оттаму апелирам до сите институции да постапуваат со еднаков третман кон сите. Јавна соба не е забава, туку класично кривично дело“, изјави Гусар.
Таа ги повика жртвите кои се соочиле со сексуално вознемирување веднаш да ги пријавуваат сторителите, да направат принт-скринови од сите разговори и повици.
На денешниот протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост, учесниците изјавија дека Јавна соба е кривично дело и побараа да се казнат лицата кои во Телеграм групата објавувале експлицитни фотографии, видеа и телефонски броеви од девојки, без нивна дозвола. Тие бараат законски измени во кои ќе се вметне интернет-вознемирувањето како кривично дело, а Јавното обвинителство да постапува навремено во однос на сексуалните вознемирувања на Интернет.
„Силувачот си ти“, „Држава што не постапува е држава што силува“, „Против култура на насилство“, „Обвинителство е јавна соба“, беа само дел од транспарентите кои в раце ги носеа учесниците на протестниот марш кој започна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши пред Јавното обвинителство.
„Нашите пријави за онлајн вознемирување завршуваат со пријавувањето без да добиеме било каков одговор или со префрлување на топката во Јавното и Вишото обвинителство. Жртвите се множеа, а сторителите не се уплашија. Наместо да ги санкционираат, тие ги повикуваа жртвите да пријавуваат, а кога пријавуваа, им велеа дека тие самите се виновни. Не, жртвите не се виновни. Поддршка за нив, не сте виновни и не сте сами!“, изјави Драгана Дрндаревска, која ги поздрави предложените законски измени во која ќе се вметне демнењето како кривично дело, но рече и дека сегашните законски регулатуви се доволни за да одговараат оние кои вршат сексуално вознемирување на Интернет.
На протестот учестуваше и 28-годишната Ана, девојка која прва проговори за траумите што ги доживеала откако нејзини фотографии се најдоа пред очите на повеќе од 8 илјади членови во групата на Телеграм наречена „Јавна соба“.Таа случајот го пријавила во полиција, каде ѝ било кажано дека не можат да постапат, бидејќи „законот важел само за малолетни лица“.
„Овој протест нека биде само почеток на промените што ќе следуваат. Нека се донесе закон, но тој закон да се применува, нека се едуцираат институциите, нека се едуцира секој човек како треба да се однесува за да имаме поубаво и посреќно општество, и за нас и за идните генерации“, изјави таа.
За случајот „Јавна соба“ полицијата минатата недела приведе четири лица и им ги одзеде мобилните телефони. Неизвесно е за кое кривично дело ќе одговараат тие.
Сличен случај, кога на групата на Телеграм наречена „Јавна соба“ беа споделувани илјадници фотографии, видеа и телефонски броеви од девојки, од кои дел малолетни, имаше и минатата година. Случајот се уште нема разврска и се наоѓа во предистражна постапка во Јавното обвинителството.
„Телеграм“ во меѓувреме ја затвори актуелната група, но во меѓувреме беа отворени неколку други, каде што сега претежно се споделуваат фотографии од девојки од Србија.