Вчера, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со Комисијата за одобренија за одгледување канабис за медицински цели и СВР Охрид, врз основа на претходно обезбедена судска наредба, извршиле претрес и контрола над правно лице во село Оровник, општина Дебрца.
При претресот според полицијата било констатирано дека видео-надзорот во целиот објект не работи, а биле пронајдени 2.388 растенија од канабис кои се одгледувале во надворешни услови, спротивно на условите пропишани со Закон, 1.066 растенија расад од канабис, наспроти пријавената бројка од 616 засадени растенија, а во внатрешноста биле пронајдени 820 растенија од канабис, иако според претходните известувања испратени до Комисијата правниот субјект немал производство, поради реновирање на просторот.
Исто така, во една од просториите биле пронајдени гранки од растенија од канабис во фаза на сушење и готов сушен цвет, за што не била известена Комисијата, додека во сеф собата биле пронајдени 343 кг сув цвет од канабис, што според известувањата претставува вишок од 7 кг неевидентиран сув цвет од канабис само во собата и 269 кг ‘шејк’ (листови и гранки од канабис). Воедно, при претрес на поткровјето во правниот субјект биле пронајдени садови кои се користеле за производство на масло од канабис, иако наведеното правно лице немало дозвола за производство на вакво масло.
При контролата во објектот беше затекнато едно лице кое според евиденцијата на АВРСМ е невработено и 5 албански државјани, работно ангажирани во правното лице, но неевидентирани, за што е известен Секторот за странци при Одделот за гранични работи и миграции и Државниот инспекторат за труд и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти портпаролката на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Според констатираното при контролата, правното лице одгледувало канабис за медицински цели во услови спротивни на прописите во повеќе сегменти, а во однос на процесот на одгледување на канабис за медицински цели, согласно Законот за контрола на опојни дроги, од страна на Комисијата бил составен Записник за констатирана состојба, известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки сите предмети се одземени.
По документирање на доказниот материјал, од страна на СВР Охрид ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 95-В од Законот за контрола на опојни дроги. Од страна на Комисијата при Министерството за здравство ќе бидат преземени и дополнителни мерки во врска со ова правно лице, информира полицијата.