Премиерот Зоран Заев и генералниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) Васко Ковачевски, денеска, промовираa шест нови еко-автобуси на природен гас-метан наменети за превоз на работниците на „РЕК Битола“.
Инвестицијата вредна 1,4 милиони евра е финансирана со сопствени средства на АД „ЕСМ“ и претставува реализирање на определба опфатена во програмата на Владата.
„Набавката на новите автобуси на природен гас е исполнување на ветувањето на Владата и ‘ЕСМ’ за подобрување на условите за работа во комбинатот, за намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина“, нагласи премиерот Заев на настанот.
Беше констатирано и дека со набавката на новите, еколошки автобуси се зголемува безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК Битола кои работат во исклучително тешки услови. Од еколошки аспект, автобусите кои до сега ги превезуваа работниците не ги исполнуваат ниту минималните еколошки стандард за разлика од новите, еколошки превозни средства.
На денешната промоција на новите еколошки автобуси беше посочено дека тие, во периодите кога нема да превезуваат работници на „РЕК Битола“, согласно можностите и законската регулатива, ќе бидат ставени на располагање за превоз на ученици, студенти, пензионери, членови на спортски клубови, на здруженија и на невладини организации од општините Битола, Новаци и Могила како општини и населени места кои се најблиску до комбинатот.