Утрински Весник
Македонија

(Видео) Пендаровски: Oд Мицотакис побарав помош за деблокада на македонските евроинтеграции

(Видео) Пендаровски: Oд Мицотакис побарав помош за деблокада на македонските евроинтеграции

Претседателот Стево Пендаровски, за време на официјалната посета на Грција, денеска во Атина одржа прес-конференција за претставниците на македонските медиуми.

По средбите со претседателката, Катерина Сакеларопулу и со премиерот Киријакос Мицотакис, Пендаровски истакна дека најважно е што двете највисоки политички инстанци во Грција потврдиле дека Преспанскиот договор важи, ќе се почитуваа и дека има политичка волја за негова целосна имплементација.

Во тој контекст, претседателот го повтори ставот дека договорите мора да се чуваат, заштитуваат и имплементираат и дека тоа е главниот индикатор за сериозноста на страните кои ги потпишуваат и се обврзуваат на нив.

„Ние сме апсолутно сериозни во тој дел, имаме јасна политичка намера да го имплементираме сето она што е внатре напишано и во таа смисла замолив од грчка страна поголема ажурност во однос на неколку елементи, компоненти на Преспанскиот договор, кои пред се, поради Ковид-19 се најдоа во своевиден ‘стенд-бај’“, изјави Пендаровски.

Претседателот потврди дека по извесна стагнација, Комисијата за трговски брендови и Комисијата за образовни, историски и археолошки прашања, ќе продолжат да работат и дека постои најава за нивна следна средба, независно од предизборниот период кај нас.

Во таа насока Пендаровски додаде дека Комисијата за археолошки, историски и образовни прашања, уште пред почетокот на пандемијата има постигнато значаен напредок и дека усвоила и усогласила четири записници.

Во однос на средбата со премиерот Мицотакис, Пендаровски изјави дека побарал помош и поддршка за деблокада на македонските евроинтеграции на престојниот Самит Европска Унија – Западен Балкан, посочувајќи дека Преспанскиот договор претставува и договор за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

„Очекуваме од него поддршка и помош во однос на оние претставници од земјите-членки кои уште се скептични, во прв ред Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би можеле да имаат некакви забелешки за втората држава која знаете дека досега неформално е третирана во пакет со нас, тоа е Република Албанија“, изјави Пендаровски.

Претседателот додаде дека на средбите со грчкиот државен врв изразил благодарност за донацијата на 20.000 вакцини, како и за помошта во справување со пожарите на територијата на општина Гевгелија.

„Практично покажавме како функционира европската солидарност и како треба да функционира и понатаму, независно каде постојат проблеми од таков тип“, изјави Пендаровски.

Можете да прочитате

МВР не дозволи учество на „Маршот за ангелите“ на луѓе од други градови

На „Табановце“ се чека околу 40 минути за излез од државата

Поради пожар во „Јасен“, затворен регионалниот пат Македонски Брод – Скопје