Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на завршната конференција на проектот „Информации против Дезинформации“
Од сите досегашни истражувања на темата, според претседателот Пендаровски, се потврдува дека дезинформациите најчесто не се наивни и случајни, туку се производ на еден планиран и организиран пристап кон одредена тема.
„Темата за дезинформациите, потребата за кревање на свесноста за нивното постоење и нивните ефекти, го заслужува нашето полно внимание и како општество и како држава. Пандемијата конкретно ни покажа какви проблеми можат да предизвикаат дезинформациите. На глобално ниво, не само кај нас, таканаречената инфодемија ја заостри јавната дебата по ова прашање, ја намали ефективноста на мерките за справување со пандемијата, го зголеми колебањето на луѓето во однос на вакцинирањето и конечно, ја постави сцената за појавата на најневеројатни конспиративни теории на заговор, за биолошки војни кои треба да го намалат светското население, за наводно чипирање и контрола преку вакцините од страна на светски центри на моќ и многу други“, рече претседателот Пендаровски.
Како држава која неодамна стана членка на НАТО и очекува да почне преговори за членство во Европската Унија, рече претседателот Пендаровски, во време на пандемија се справувавме и со организирана кампања за дезинформирање која имаше за цел да го сврти јавното мислење наспроти евроатлантските организации со интензивна употреба на квази аргументи дека тие организации наводно не ѝ помагаат на Северна Македонија во време на пандемијата.
Според претседателот Пендаровски, зајакнувањето на отпорноста кон дезинформациите е комплексна задача, затоа што, како што оцени, треба да изградиме системска, но и лична отпорност кон нив. Тоа, според претседателот, можеме да го постигнеме само преку блиска соработка меѓу државните институции, образованието, граѓанските организации и медиумите.
Претседателот Пендаровски посочи и на потребата за подобри услови за професионално и независно работење на медиумите што подразбира имплементација на најдобрите европски практики во областа. Исто така, според претседателот Пендаровски, потребно е поддршка и за саморегулаторните механизми во медиумската сфера, и особено, на платформите за проверка на фактите.
„Колку повеќе ги сузбиваме дезинформациите, толку повеќе придонесуваме за објективна дебата за сите прашања, и со тоа, ја јакнеме демократијата како политички систем кој е во најдобар интерес на нашите граѓани“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.