Утрински Весник
Македонија

(Видео) Пендаровски: Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата

(Видео) Пендаровски: Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата

Несомнено имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините, порача претседателот Стево Пендаровски на првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, организирана од Министерството за финансии.

Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот Пендаровски ги нотираше и предизвиците наметнати од пандемијата на Ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко делување на глобално ниво.

Пендаровски рече дека глобалната економија сѐ уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи.

„За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и на нашата економија за која рече дека не е исклучок од светските трендови и ги посочи донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.

„Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за опоравување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти“ оцени Претседателот во обраќањето.

Претседателот Пендаровски истакна дека нашето членство во НАТО, освен безбедносната компонента, на среден и на долг рок се очекува да резултира и со поголема економска стабилност и предвидливост, како и нови перспективи во инвестиционата сфера.

Говореше и за застојот во нашата ЕУ интеграција, при што нагласи дека е предизвикан од блокада, чии аргументи се во спротивност со вредностите што ги претставува Европската Унија како концепт. Претседателот порача дека патот кон полноправно членство во ЕУ е приоритет затоа што за европските вредности и за принципите на кои почива заедничкиот европски пазар, за нас, не постои подобра алтернатива.

Можете да прочитате

Изгласани измените на Законот за возила, се олеснува процесот на регистрирање

Вицепремиерот Изет Меџити ја посети Медресата „Иса Бег” во Скопје

Еден уапсен еден во бегство за убиството во Батинци