Европскиот проект нема да биде целосен доколку земјите од Западен Балкан не се интегрираат целосно во Европската Унија, нагласи претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање на самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на влијателниот тинк тенк „Пријатели на Европа“.
Говорејќи на сесијата „Поддршка на регионализацијата: Мост кон силна и стабилна демократија“, претседателот Пендаровски истакна дека е време за нов пристап којшто ќе ја препознае интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија како главна стратешка и геополитичка одлука, а не како техничко прашање.
„Стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат на европската перспектива. Создавањето на вакуум во интеграцијата на регионот може да биде искористен од други надворешни сили. Земјите-членки на ЕУ имаат историска шанса да дадат придонес кон европската стабилност и просперитет“, нагласи Пендаровски.
Со усвојувањето на новата методологија за водење на пристапниот процес, како што додаде претседателот Пендаровски, земјите од Западен Балкан треба да исполнат јасни критериуми, меѓу коишто се владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и високата корупција, доколку сакаат напредок во интегративниот процес.
Важна област, според претседателот Пендаровски, е демократскиот развој, којшто според него, е под притисок на популистички движења и загрозен е од проблемите со владеењето на правото, нефункционални институции и ниската доверба во нив, како и скромниот социо-економски развој, којшто пак е меѓу главните причини за зголемена миграција, особено меѓу младите.
Според претседателот Пендаровски, регионалната економска интеграција може да биде од корист за интегративниот процес, имајќи предвид дека економскиот развој е еден од главните предуслови за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Сите иницијативи коишто се во функција на интеграција во единствениот европски пазар се повеќе од добредојдени, рече претседателот Пендаровски и додаде дека секоја економска иницијатива би била нецелосна доколку не биде поткрепена и со напредок во интеграција кон Европската Унија.
Одговарајќи на прашањата на учесниците на самитот претседателот Пендаровски подвлече дека деновиве би сакал да слушне дека ќе се случи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ , бидејќи како што рече, „освен членството во Унијата, за нашата земја нема друга алтернатива“.