Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, по одржаниот настан заедно со фондацијата Конрад Аденауер, истакна дека сите македонски политички партии се насочени кон влез на Македонија во Европска унија. Но, македонското општество треба силно да размислува на свртеност кон себе односно на внатрешни реформи и економски развој, пред се во битката со организираниот криминал и корупцијата.
„Нешто за што сериозно треба да се размислува е силната битка со корупцијата, која што за жал изостанува. И ова не го велам само јас, ова е мислење и на релевантни меѓународни институции и Македонија е на најлошото место откако се мери перцепција за корупција според Транспаренси интернешнл на 111-тото место, а тоа го гледаат граѓаните секаде околу себе. За жал имаме еден систем кој што го јаде корупцијата и кој што скапува од корупција и тука е суштински битна битката со корупцијата“, изјави за медиумите Николоски.
Според него, постојат два аспекти за кој што се зборува. Едниот е законската регулатива, а другиот е високата корупција.
„Едниот аспект е законски промени. Кои што, според мене законската регулатива е добра. Второто е, онаа висока корупција која што се слагам дека е број еден проблем на Македонија. Гледајќи ги овие два аспекти некако се занемари онаа корупција на најниско ниво која што најмногу ги “убива” граѓаните. А тоа е ситната корупција во институции, на шалтери, во болници, во општински судови, обвинителства и така натака, каде што граѓаните знаат дека доколку немаат врски, пријател или доколку не платат, не можат да си завршат работа или она што им следува според законот“, посочи Николоски.