Утрински Весник
Македонија

(Видео) Николовски: Заврши времето кога народните пари се трошеа за сé и сешто

(Видео) Николовски: Заврши времето кога народните пари се трошеа за сé и сешто

Заврши времето кога народните пари се трошеа за сé и сешто, сега службените трошоци се строго регулирани со уредби и одлуки кои за прв пат се носат и важат за сите државни функционери, рече вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.

Николовски посочи дека за првпат е донесена Уредба за дар со која се регулираат и подароците со целосно намалување на износите којшто се можни за примање на подароци, а, како што кажа, воспоставен е и Регистар на примање на подароци.

„Донесена е и одлука којашто е целосно во примена, а се однесува на регулирањето на угостителските услуги за сите избрани именувани функционери, регулиран е износот којшто може да биде потрошен и е регулирана целокупната постапка којашто треба да се спроведе“, посочи вицепремиерот.

Николовски најави и дека во владина процедура дополнително се неколку други одлуки којшто ќе ги регулираат останатиот дел од службените трошоци, како што е Регистарот за службени возила, со кој точно ќе се регулира користењето на службените возила со цел да нема злоупотреби, а сето тоа ќе биде и законски регулирано.

„Граѓаните може да дознаат за секоја една работа и за секое едно трошење од страна на сите институции и раководители. И да потсетам тоа е една огромна разлика од едно режимско време во кое стотици илјади евра од секое министерство, институции се трошеа нерегулирано и се вадеа од службени картички и кеш средства и се трошеа нерационално и не беа воопшто регулирани токму начинот, постапката и за што може да се трошат овие средства“, нагласи вицепремиерот.

Можете да прочитате

(Видео) Нова епизода на подкаст Зрак со д-р Марина утре во 21.00 часот

За првпат после долго време – Воздухот во Скопје е чист

Од понеделник се очекуваат нови снежни врнежи