Промена на времето пристигна во делови на Хрватска – во Загреб врнело дожд и имало заладување, а силен дожд и невреме ја зафатиле и Далмација.
Најлошо е во Шибеник, каде што дождот предизвика поплави низ целиот град, објави локалниот портал „Шибеник“.
Најмногу дожд паднало во подрачјето на Шибеник, понекаде и повеќе од 50 литри на квадратен метар.
„Тоа што извира се фекалии измешани со врнежи. Се случува секој пат и кога има помалку дожд“, раскажува човек од Шибеник за Морски.хр.
Во текот на вечерта, невремето продолжило да се движи кон подрачјето на Макарска, а во областа Живогошча, паднал град со големина на голф-топче, пренесува „Далмација Данас“.
Ветерот ги корнел ќерамидите од покривите, а на Хвар, гром предизвикал пожар во шумата кај Брусје.
Невреме го погоди и подрачјето на Трогир, каде што гром удрил во ѕидот на спортската сала, пренесува „Индекс“.