Утрински Весник
Македонија

(Видео) На Заев и Ципрас им е врачена Меѓународната награда за мир

(Видео) На Заев и Ципрас им е врачена Меѓународната награда за мир

Премиерот Зоран Заев и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас денеска на церемонија организирана во Мунстер, Вестфалија, ја примија Меѓународната награда за мир на Вестфалија за 2020 година.

Наградата им ја врачи претседателот на Латвија, Егилс Левиц, како претставник на трите балтички земји кои оваа награда ја добија за 2019 година.

Заев истакна дека договорот од Преспа стави крај на долгогодишниот спор и разликите што кренаа ѕид помеѓу двете соседни земји. Спорот траеше три декади исполнети со несигурност за нашата иднина, рече Заев и додаде дека тоа се три декади на блокирани перспективи што се стратешка цел за нашата земја.

„Дојдовме до решение за кое сите ни велеа дека е невозможно да се постигне. Годинава Северна Македонија слави 30-годишни независност, ние сме 30-та членка на НАТО што беше невозможно без Преспанскиот договор. Членството е реализација на нашата стратешка цел и доказ за политичките постигнувања. Тоа е одраз на нашиот суверен избор“, рече Заев.

Порача дека Преспанскиот договор е пресвртната точка во нашиот регион.

„Со Алексис рековме дека нема да дозволиме процесот да заврши без решение. Не сакавме да го одолговлекуваме процесот. Свесни бевме дека ги изложивме нашите политички кариери на ризик, но поважна ни беше иднината и затоа најдовме решение“, додаде Заев по добивањето на наградата.

Преспанскиот договор што го реши деценискиот спор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, на крајбрежјето на Преспанското Езеро.

Согласно договорот, Македонија го смени официјалното и уставно име во Република Северна Македонија, по што земјата стана дел од НАТО.

Премиерот Зоран Заев на денот на потпишувањето на договорот изјави дека треба да бидеме горди оти станува збор за решение што обединува.

„Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство“, рече Заев во Псаридес, на грчката страна на Преспанското Езеро.

Неговиот колега Алексис Ципрас истакна дека потпишувањето на договорот е „храбар, историски и неопходен чекор“ за граѓаните на двете земји.

„Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст за нашите земји“, потенцираше тогаш грчкиот премиер.

Договорот беше потпишан од страна на шефовите на дипломатии на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и медијаторот на ОН во спорот, Метју Нимиц. На церемонијата на потпишувањето во Псарадес присуствуваа и Потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, како и тогашната висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан.

 

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа