Утрински Весник
Свет

(Видео) Најмалку 28 загинати и 73 повредени во двоен самоубиствен напад во Багдад

(Видео) Најмалку 28 загинати и 73 повредени во двоен самоубиствен напад во Багдад

Двоен самоубиствен напад во ирачката престолнина Багдад ги однесе животите на најмалку 28 лица, а најмалку 73 се повредени, изјави анонимен извор за „Ал Арабија“.

Изворот вели дека едниот од бомбашите се разнел на плоштадот Тајаран додека другиот го активирал својот уред на пазарот „Баб ал-Шарќи“ во центарот на Багдад. Покрај човечките жртви, има предизвикано и материјална штета.

Бригадниот генерал Хазем ал-Азави, директор на оперативната команда во Багдад, потврди за Ирачката новинска агенција (ИНА) дека двојна експлозија го погодила преполниот пазар во областа Баб ал-Шарџи во близина на плоштадот Тајаран.

Ирачките безбедносни служби поставија кордон околу двете места на експлозија и го затворија влезот во зелената зона, во која се сместени федералната влада и дипломатските мисии.

Ирак е во состојба на висока безбедносна подготвеност од почетокот на овој месец поради загриженоста за потенцијален напад, а локалните власти вршат теренски прегледи околу меѓународниот аеродром во Багдад како дел од операцијата за пронаоѓање и деактивирање какво било неовластено оружје. Не е јасно дали овој инцидент е поврзан со таа безбедносна закана.

Ниту една група сè уште не презеде одговорност за нападите, но самоубиствените напади главно ги користеше ИСИС. По повеќегодишното смртоносно секташко насилство по инвазијата на САД во 2003 година и поразот на Исламската држава во 2017 година, самоубиствените бомбашки напади станаа релативно ретки во Багдад.

Багдад не бил сведок на такви напади кога ирачките сили и коалицијата поддржана од САД ја истераа ИД од територијата што ја контролира во Ирак. Последниот самоубиствен напад во Багдад се случи во јануари 2018 година, исто така на плоштадот Тајаран, при што загинаа најмалку 27 лица.

Милициите рутински ги напаѓаат трупите на САД со ракетни и минофрлачки напади, особено американската амбасада во силно утврдената зелена зона. Темпото на нападите се намали кога во октомври беше прогласено неформално примирје од вооружени групи поддржани од Иран.

Ирак ја прогласи ИСИЛ за поразена на крајот на 2017 година по жестоката тригодишна кампања. Но, ќелии на групата продолжија да работат во пустинските и планинските области напаѓајќи ги безбедносните сили или државната инфраструктура во напади со малку жртви.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков