Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, на прес конференција од Владата, ги презентираше првичните резултати од јавниот повик за инструментот за технолошки развој за брзо прилагодување од Третиот пакет мерки кој Владата го усвои на крајот на месец мај.
Пандемијата ги натера компаниите да го препознаат моментот за дигитализација, па така ИТ индустријата за првпат не е доминантна, туку компаниите од секторот на продажба, трговија и дистрибуција.
Деспотовски го истакна фактот дека 56% од компаниите кои аплицирале со свои инвестициски планови се во сопственост на жена или имаат жена управител, што според него е знак дека жените се похрабри во преземање на ризик во време на криза.
„Целта беше да се понуди на домашната економија, овој период на преживување на компаниите постепено да го трансформираме во период на заздравување. Ова се резултатите од тој напор кој го реализираше ФИТР. Дел од домашната економија веќе размислува за заздравување“, рече Деспотовски.
Првиот циклус на повикот за економско заздравување е реализиран во периодот 25 мај до 3 јули. Има рекордно голем интерес на домашните компании.
„Над 2.100 компании подигнаа апликациски пакети, што е индикатор и мене ме радува дека домашната економија размислува како да се развива во периодот што следи. Само во рамки на првиот циклус кој го затворивме на 3 јули, имаме пристигнато 166 инвестициски планови од исто толкав број на домашни субјекти“, рече Деспотовски.
Вкупниот обем на овие инвестициски планови изнесува над 291 милион денари, односно скоро 5 милиони евра.
61% се средства кои ги побаруваат компаниите од ФИТР во рамки на програмата, додека 39 отсто се средства кои компаниите изразиле подготвеност да ги вложат самостојно.
„Со овие бројки можам да кажам дека оние средства кои првично ги предвидовме за програмата за економско заздравување, 200 милиони денари, фактички со првиот циклус веќе во 90% очекуваме да бидат реализирани.
Ова подразбира дека секој следен циклус, ФИТР во соработка со Владата ќе треба да обезбеди дополнителен износ на средства“, рече Деспотовски.
Од овие 166 инвестициски планови, 88% ќе продолжат во следната фаза на евалуација, додека 12% бидејќи се неподобни завршуваат тука. Дел од тие во некоја фаза се откажале, или во изминатите две години регистрирале загуба во работењето.
За неподобни се сметале големи претпријатија кои не биле опфатени во оваа фаза, меѓутоа веќе се работи да се најде начин и тие да бидат опфатени.
76% за првпат се јавуваат за користење на средства, 16% се компании кои се обиделе порано, а досега не успеале да добијат средства, а 8% се компании кои и порано користеле средства од ФИТР.
„ФИТР треба брзо да дејствува . Нашата цел е фазата на предселекција да заврши до крајот на следната недела. Фазата на финална селекција ќе ја реализираат пет странски експерти треба да заврши до средината на август, а од почетокот на септември се очекува да влеземе во фаза на инвестициски циклус на економско заздравување“, рече Деспотовски.
Средствата кои ги доделува ФИТР за инвестициските планови, не се неповратни.
Компаниите овие пари ќе ги вратат назад во Фондот, во следните три години преку учество во добивката која се очекува дека ќе се реализира.