Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Прилеп им оддаде почит на паднатите бранители на Карпалак кои што трагично го загубија својот живот во заседа, бранејќи ја, како што кажа, слободата на Македонијa и уставниот поредок.
„Ова што денеска го видовме овде во Прилеп од страна на претставниците на локалната самоуправа и на владата, претставува еден исклучително лицемерен чин кон жртвата на овие луѓе, бидејќи ако навистина се сеќаваа на минатото и жртвата која што во минатото голем број Македонци ја дадоа за Македонија, тогаш во најмала рака денеска ќе се извинеа за сето тоа што го правеа и го прават овие 4 години, не само во Македонија, туку и тука во Прилеп“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа Мицкоски даде свое видување на масакрот кај Карпалак во кој за време на конфликтот во 2001 година животот го загубија десетмина армиски резервисти.
„20 години изминуваат од трагично загубените животи на нашите браќа, другари, пријатели, прилепчани, Македонци кои што борејќи се храбро го изгубија својот живот, се разбира од кукавичка заседа бидејќи тие кои што ја подметнаа таа заседа, гради во гради знаеја дека ќе бидат поразени“, заклучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.