ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Собранието блокираат сѐ што е во интерес на граѓаните, обвини Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ вчера се дрзна повторно да блокира важни закони за граѓаните, а еден од нив беше и законското решение со кое глобите за инвалидските организации се намалуваат, а истовремено се воведува и опомена пред казна. Цел ден зборуваа буквално за се, освен за Законот, освен за тоа дека казните ќе се намалат и ќе се вовоеде опомена пред казна. Ете толку ВМРО-ДПМНЕ мисли на граѓаните, толку мисли на ранливите категории“, рече Митрески.
Слично вака, додаде тој, се однесуваа и за носење на Буџетот за 2021 година кога ја напуштија салата мислејќи дека нема кворум, дека Буџетот за следната година нема да може да го донесеме.
„ВМРО-ДПМНЕ но и Алтернатива Алијанса и Левица беа подготвени да ја остават државата со времено финансирање. Опозицијата беше спремна да го загрози исплаќањето на субвенции за земјоделците, исплатата на детскиот и образовен додаток, зголемувањето на платите за лекарите, исплатата на месечниот надоместок за стечајните работници. Сето ова беше под закана од страна на неодговорната опозиција. И наместо да ја научат лекцијата, вчера опозициските пратеници продолжија со блокади и деструкции. И не само што не се засрамија, туку и јавно се фалат со нивните блокади на важни закони“, рече Митрески.