Марија Митева, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека партијата ВМРО-ДПМНЕ влегува во т.н. втора епоха. Според Митева, во втората епоха потребно е да се направи општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да се допре до секоја индивидуа и да се оди во насока на преродба на државата, кои ќе ја донесат новата иднина. Во центарот на оваа втора епоха, нагласи Митева, се слободата на индивидуата и слободна волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата.
„Заедничкиот патриотизам значи борба против корупцијата. Граѓаните не смеат да чекаат и да плаќаат мито за услуги кои со закон им следуваат. Борбата против корупцијата мора да биде реална и да даде резултати. Земјата мора да биде во првите 50 држави што се борат против корупција на листата на Транспаренси, а не како сега на 111. место“, рече Митева.
За квалитетна иднина, како што рече таа, мора да има и квалитетно образование.
„Се обврзуваме еден универзитет од Македонија да се најде на листата на првите 500 универзитети на Шангајската листа. Подоброто образование ќе значи и нови иновации и одржливи решенија за напредок на државата. Сето ова мора да биде придружено со имплементирање на новите технологии, како регулирање на пазарот со криптовалути и трговијата со примена на блокчејн технологија. Време е Македонија во догледно време да има стандард како една Австрија, да биде дел од ЕУ и да има прогрес на секое поле“, нагласи портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.