Многу домашни мали компании работат како подизведувачи на големите европски и американски компании, а податоците за приливот на пари во македонската економија укажуваат дека ИТ секторот е клучен за државата – нудење на ИТ услуги и решенија. Затоа предлагаме 0% данок за стартапи за првите три години, изјави Ивица Мицев, кандидат за пратеник во ИЕ3.
„Во кампањата на опцијата Можеме слушнавме дека ќе го укинеле персоналниот данок, токму за ИТ професионалците и тоа оние кои воведоа прогресивен данок за примања повеќе од 1500 евра, па после се предомислија и го одложија неговото извршување, и во контекст на ова би сакал да прашам како граѓанин и кандидат за народен претставник. Дали после тие 36 месеци ќе почне да се извршува прогресивниот данок со истата стапка од 1500 евра? Ова ветување што го дава оваа опција е чиста демагогија и манипулација, едноставно нема смисла, да се воведе прогресивен данок и воедно да се укине персонален данок”, изјави Мицев.
Македонски концепт, додаде тој, има визија за задржување на ИТ кадарот во државата и враќање на нашите инженери кои заминаа во развиените, понапредни земји, а тоа ќе го направиме со учење од полскиот пример.
„Полска успеа со вистински мерки и намалување на придонесите за 50% за ИТ и слични услуги да привлече голем број ИТ гиганти, да овозможи раѓање на домашни стартапи, да ги подржи идеа инкубаторите. Ние од Македонски концепт се залагаме за 0% данок за стартапи за првите 3 години. Со ова ќе ги стимулираме младите да се насочат кон отворање на стартап бизниси и градење на кариера овде во Македонија”, вели Мицев.
Тој кажа дека Скопје е веќе нефункционален град во смисла на инфраструктура и загадување и потребно е да се прогласи мораториум за градење во градот на 100 години, а притоа урбанистички да се планира и гради „Скопје 2“ со брза железничка и автопатна поврзаност со Скопје и тој град да биде град со фокус на ИТ индустријата и Клинички центар со сектор за бизнис и сектор за домување во хармонија со природата и силен фокус на обновливите извори на енергија.
„Доколку ни дадете можност да бидеме ваши претставници, ние оваа идеја ќе ја направиме проект. Нашите архитекти и градежни инженери имаат скенирано локации во близината на Скопје, а едната од потенцијалните локации е во Општина Илинден и Општина Петровец поради веќе постоечката инфраструктура”, додаде Мицев.