Државниот и национален интерес на граѓаните треба да биде заеднички именител на сите одговорни политичари и политички партии во македонското општествено, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
За жал, рече таа, она што јавноста може јасно да го види е дека Христијан Мицкоски тоа не е.
„ Со своите неодговорни и недржавнички постапки, Христијан Мицкоски ги поткопа, ги загрози националните позиции во однос на Бугарија, во клучни моменти. Христијан Мицкоски учествувал на Конгрес на ЕПП на којшто е усвоена Резолуција којашто иако повикува на почеток на преговори со ЕУ во еден дел ги содржи ставовите на Бугарија.
Тоа е тврдењето во дел од Резолуцијата на ЕПП дека не сме ги почнале преговорите со ЕУ затоа што не биле „постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија.“ Ова не само што се ставови на Бугарија. Ова е во целосна спротивност со Резолуцијата за македонските позиции и црвени линии, донесена во македонското Собрание и поддржана од сите партии.
Македонската Резолуција, во член 4 повикува на „уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите“. Мицкоски, сосема спротивно на македонската Резолуција за нашите црвени линии тоа го негира“ изјави Кузеска.
Според неа, ова е газање врз Резолуцијата и поткопување на држаните позиции.
„ И наместо да излезе пред граѓаните, да одговори зошто прифатил резолуција спротивна на македонската Резолуција Мицкоски реши со денови да молчи и да се крие. Тоа води до заклучок дека Мицкоски свесно го направил тоа“ рече портпаролката на СДСМ.
Таа порача дека Мицкоски ќе остане запаметен по тоа како ги рушеше државните позиции во однос на Бугарија и како ги предаде македонските национални интереси.
Кузеска додаде дека Македонија ги исполнила сите услови за почеток на преговорите со ЕУ а нивното незапочнување е само поради блокадите на Бугарија.
„ Дури и со одлука на Европскиот совет е потврдено дека ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Тоа е факт признаен и потврден од сите. Ниту еден обид на Мицкоски тоа да го поништи, да го поткопа, да го униши, нема да успее“ заклучи Кузеска.