Во тек се разговорите и консултациите за парламентарно мнозинство и владина коалиција за четиригодишен стабилен мандат, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Костадинов рече дека продолжуваат консултациите и разговорите за формирање на нов парламентарно мнозинство и нова Влада која ќе работи во интерес на граѓаните и додаде дека во интерес на разговорите не би можеле да објавуваат детали.
Запрашан дали СДСМ ќе прифати премиер Албанец, Костадинов одговори дека Заев е мандатар.
„Мандатар за состав на новата Влада е Зоран Заев. Како што веќе соопштивме, во тек се разговори и консултации за парламентарно мнозинство и коалиција за полн, четиригодишен стабилен мандат. Во интерес на разговорите во овој момент не би можеле детали да изнесуваме“ истакна Костадинов.
Во однос на роковите за доделување на мандатот Костадинов посочи дека за СДСМ важен е ставот на претседателот на државата, Стево Пендаровски кој вели дека веднаш по конституирањето на Собранието, започнуваат да течат законските рокови и дека доделувањето на мандатот ќе се случи согласно роковите.