Утрински Весник
Свет

(Видео) Комунистичката партија на Кина со спектакл го прославува 100-годишниот јубилеј

(Видео) Комунистичката партија на Кина со спектакл го прославува 100-годишниот јубилеј

На денешната прослава на стогодишнината од основањето на Комунистичката партија на Кина, претседателот Си Џинпинг го поздрави, како што рече, новиот свет создаден од кинескиот народ и ги предупреди странските сили кои се обидуваат да ја понижат Кина дека тоа ќе им се удри од глава.

По прелетувањата и акробациите од кинеското воено воздухопловство, претседателот Си за време на едночасовниот говор на плоштадот Тјенанмен вети дека ќе ја зајакне кинеската армија и ќе изврши обединување со Тајван.

Според него, во Хонгконг ќе биде обезбедена социјална стабилност, со заштита на кинеската безбедност и суверенитет.

„Кинескиот народ се покажа не само во уништувањето на стариот свет, туку и во создавањето на нов. Социјализмот е единствениот спас за Кина“, рече претседателот Си, а пренесува „Ројтерс“.

Кинескиот претседател и Комунистичката партија уживаат популарност поради ефективната борба против епидемијата на коронавирус и активната улога што ја игра Кина на глобалната политичка и економска сцена.

Од друга страна, официјален Пекинг беше изложен на надворешни критики за неговиот груб третман кон Хонгконг и кршењето на правата на припадниците на муслиманското ујгурско етничко малцинство во провинцијата Синџијанг, но и за влошената демографска ситуација што може да го загрози долгорочниот економски раст.

Претседателот Си рече дека кинескиот народ никогаш нема да дозволи странските сили да се однесуваат насилно, да ја понижуваат и покоруваат Кина.

„Кој би се осмелил да испроба нешто слично, крваво би ја скршил главата од Големиот челичен ѕид изграден од 1,4 милијарди припадници на нашиот кинески народ“, предупреди претседателот.

Прославата денеска започна со прелетување на борбени авиони и хеликоптери кои ги набљудуваа националните лидери, сместени на јужните бедеми на Забранетиот град. Хор од 3.000 луѓе отпеа седум социјалистички песни за време на настанот.

Си го заврши својот говор со два громогласни извика: „Да живее КПК која е светла, славна и правилна“ и „Да живеат луѓето кои се големи, славни и херојски“.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година