Утрински Весник
Македонија

(Видео) Ковачки: СДСМ молчи за јавниот срам за средбата на Џафери со чеченски политичари блиски до Путин

Власта на СДСМ и ДУИ декларативно е за НАТО, а остварува контакти и средби со лица блиски до режимот во Кремљ, истакна на денешната прес-конференција, Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е, како што оцени, лицемерие пред граѓаните, а бламажа на меѓународна сцена и пред стратешките партнери.

„Скандалот со делегацијата која ја примил Талат Џафери во Македонското Собрание во која биле дел чеченски политичари, поранешни пратеници во руската Дума отвораат низа на прашања, кои за жал остануваат неодговорени. Молчи Талат Џафери, молчи СДСМ, молчи Ковачевски, молчи Владата, молчи претседателот Пендаровски, молчат надлежните безбедносни институции. Зарем е нормално во Парламент на земја членка на НАТО, средба да имаат претседател на Парламентот и лице каков што е Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението „Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин“. Ова лице е со потенцијален безбедносен ризик и затоа се потребни одговори како, зошто и кој дозволил таква средба, за што се разговарало на таа средба и дали воопшто Џафери ги известил безбедносните служби за оваа средба“, потенцира Ковачки.

Одговори и одговорност, како што истакна, должат и коалициските партнери СДСМ, кои не треба да се кријат туку да одговорат дали и тие партиципирале на средбите и знаеле за намерите да се гради споменик на Ахмат Кадиров во Тетово, лик кој ги основал воените структури популарно наречени Кадировци.

„Ова ја компромитира Македонија и ја нарушува довербата пред нашите стратешки партнери. Очекуваме Талат Џафери и коалицијата предводена од СДСМ да дадат одговори, но и Ковачевски, кој веројатно пак ќе се правда дека не видел или не чул, исто како што се правдаше за примитивното и вулгарно однесување на Талат Џафери кога ги пцуеше и навредуваше вработените во Собранието“, наведе Ковачки.

За доброто на институцијата Претседател на Собранието, но и за имиџот на Македонија, оценува дека најдобро е Талат Џафери да си поднесе оставка, а прв кој треба тоа да го иницира е Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ.

„Но народот вели врана на врана очи не вади, па така својата дружба Талат и Ковачевски не сакаат да си ја расипат, по цена на јавен срам на институциите и на Македонија како држава“, беше истакнато на прес-конференцијата од страна на пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Можете да прочитате

Проф. Трајковски: Државата, односно градските комунални служби треба веднаш во присуство на илјадници полицајци да влезат во скопски Чаир и да ги урнат оние 150 бесправно изградени згради

ФЗО ќе покрива шест, наместо досегашните три ин витра за семејствата кои се обидуваат да имаат потомство

За нова лична карта, возачка дозвола и пасош граѓаните можат да закажат онлајн