Талат Џафери со своето поведение е опасност за националната безбедност. Постојат сомнежи дека се среќавал со луѓе кои се потенцијален ризик за нашите стратешки партнери, рече на денешната прес-конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Според него, Џафери, но и власта на СДСМ и ДУИ се должни на македонската јавност да ѝ објаснат неколку прашања.
„1. Зошто криеше дека при средбата со делегација имало безбедносно-интересни лица и кога планираше да ја запознае јавноста за овој факт?
2. Што договарал со делегацијата во која бил и поранешниот пратеник на Думата, Абдул-Вајед Нијазов, во случајов претставник на Чеченската делегација?
3. Дали пред средбата со безбедносно-интересни лица е направена проценка од страна на надлежните безбедносни служби и доколку е направена, зошто е дозволена таква средба?
4. Дали Талат Џафери после средбата ги известил надлежните безбедносни служби за текот и содржината на разговорите?
5. Од кого потекнала, односно кој ја дал идејата за изградба на споменик во Тетово на Ахмат Кадиров, односно на таткото на Рамзан Кадиров – лидерот на Чеченците кој се бори во Украина?“, запраша Ковачки.
Тој нагласи дека и СДСМ треба да престане да молчи и да се произнесе за овој, како што кажа, скандал.
„Јавноста треба да го знае мислењето на Ковачевски за ова поведение на Џафери и неговите средби.
Талат Џафери во многу наврати се докажа како недостоен за извршување на функцијата Претседател на Собранието на Република Македонија и досега требаше да си поднесе оставка“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи и дека Џафери мора да каже дали средбата била иницирана од него, или некој му ги наметнал луѓето.