Утрински Весник
Македонија

(Видео) Ковачки: Владата на премиерот во заминување Заев нема кредибилитет, изборите се решение

(Видео) Ковачки: Владата на премиерот во заминување Заев нема кредибилитет, изборите се решение

Вечерва заседава Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на кој се дискутира за актуелната општествено политичка состојба, за последните политички случувања врзани со состојбата во економијата, енергетската криза и владата предводена од премиерот во заминување Зоран Заев, истакна Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Извршниот комитет смета дека актуелната влада го загубила кредибилитетот од граѓаните, и волјата на народот е јасно изразена на последните избори кои СДСМ ги загуби со над 100.000 гласови разлика. ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини плус градот Скопје, што преставува историски најдобар резултат на било која опозициона партија во Македонија. Тоа за нас преставува полна одговорност за оправдување на очекувањата на граѓаните и посветена работа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои веќе започнаа со промените“, дополни Ковачки.

Резултатот од изборите, додаде тој е јасна порака дека народот бара промени во централната власт, народот е незадоволен од тешката економска криза, растечката инфлација, како и континуираните неуспеси и потфрлањето на планот на европските интеграции.

„Оваа некредибилина влада се одржа единствено како резултат на киднапиран пратеник што е уште показател за хибридниот режим на Зоран Заев, наспроти волјата на граѓаните. Забележлива е измамничката политика на премиерот во заминување кој еднаш вели дека си поднесува оставка, потоа вели дека истата се одложува на неодредено време, а денес брифираат од СДСМ дека биле подготвени за нова влада. Со СДСМ нема да има нова влада, може само да има продлабочување на економската, енергетската и политичка криза и поставување на нов Заев кој ќе биде продолжение на сите негови неуспешни политики“, смета Ковачки.

ВМРО-ДПМНЕ, вели тој, смета дека брзи избори би биле единственото решение за излез од таквата криза, а се друго е продлабочување на кризата и влегување во уште поголема неизвесност.

Криминалот и непланското работење, според него, државата ја донеле на работа на енергетската криза, чии последици се плаќаат од буџетот на граѓаните, поточно од нивниот џеб.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ, информира Ковачки расправаше и за партиски прашања, при што го утврдил датумот за претстојниот редовен конгрес кој ќе се одржи 12 декември во Скопје.

На овој конгрес ќе се трасира патот на идното делување и политиките на ВМРО-ДПМНЕ во насока на нашите ветува за обезбедување на промени во општеството и нова иднина за сите луѓе на Македонија, нагласи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Можете да прочитате

Предметот за пожарот во “Пулс” префрлен во надлежност на ОЈО Скопје

Пет години и шест месеци затвор за првообвинетата Марлиене која посредувала Бразилки за проституција во Скопје

Средба Николоски- Нупнау: Македонија е силно посветена на изградба и модернизација на транспортните коридори