Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, што се одржа во дворот на Владата.
Пригодната свеченост по повод 9 Мај, започна со положување венци пред споменикот Ослободители на Скопје.
„Денеска одбележуваме и славиме голем ден – 9 Мај, како Ден на победата над фашизмот и како Ден на Европа. 9 Мај е еден датум за два големи настана во историјата на Европа и на нашата земја. Денешниот ден е запишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците“, посочи Ковачевски.
Како што рече премиерот, ова е ден кога ги чествуваме и се поклонуваме пред големото дело на припадниците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружиле вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава.
„Нашите сограѓани од тоа време, припадници на сите етнички заедници, ги дадоа своите животи затоа што избраа да застанат на страната на сојузничките, антифашистички сили, кои решија да се обединат и да им застанат на патот на фашистичките окупатори.
Од денешен аспект, од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се оствари и низ учеството на партизанските единици на страната на антифашистичкиот сојуз. Тоа учество беше и останува вистинската страна на историјата и единствениот и вистински избор“, нагласи Ковачевски додавајќи дека Втората светска војна на територијата на Македонија завршила со околу 25.000 загинати борци и други жртви.
Премиерот додаде дека изборот на македонскиот народ, заедно со сите други народи бил македонската држава да биде создадена како дом на слободата.
„Затоа денеска имаме силни, големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа.
Да ја славиме победата над фашизмот и да ја славиме големата идеја за Европа“, посочи Ковачевски.
Тој нагласи дека денеска се одбележуваат и 72 години од денот кога на 9 мај 1950 година, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повикал да започне изградбата на нова Европа.
„Чувствувајќи одговорност за важноста каква иднина ќе им обезбедат на своите граѓани, европските земји што го прифатија овој повик, прифатија и дека споделуваат заедничка историја и влегоа во решавање на разликите меѓу себе.
Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува ЕУ
Ние, граѓаните на Република Северна Македонија ја избравме Европа и Европската Унија зашто се изградени на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние.
Оттаму, кога велиме дека ЕУ е избор на граѓаните на Северна Македонија, велиме и дека тоа е избор за економски посилна Европа. Избор за поправедна и побезбедна Европа која ни припаѓа на нас, на сите нас.
Затоа сме горди и на овој избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија – иднина што му припаѓа на секој европски граѓанин“, подвлече премиерот.
На свеченоста пред Владата свои обраќања имаа и претседателот на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, Никола Стојановски, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.