Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика тетовчани да ја поддржат партијата на изборите на членови на Советот на општина Тетово.
„Советот е особено важен за граѓаните во секоја општина. Советот е оној кој има можност да ги операционализира реалните потреби на граѓаните.Советот предлага и реализира одлуки, политики кои се важни за идниот развој на градот, за начинот на функционирање на локалната самоуправа. Затоа, ги повикувам тетовчани да излезат на вонредните избори на 20 август, и да го искористат своето право да дадат глас за советници кои ќе работат посветено и сериозно за потреби на граѓаните на Тетово. Ги повикувам тетовчани да го дадат својот глас за советничката листа на СДСМ“, порача Ковачевски.
Советничката листа на СДСМ е предводена од носителот Глигорие Стојаноски, а Ковачевски рече дека листата изобилува со докажани, угледни и препознаени имиња, подготвени да го дадат својот максимум за Тетово.
Владата минатиот месец донесе решение за распуштање на Советот на Општина Тетово, бидејќи навремено не ја усвоија завршната сметка на Буџетот. По владината одлука, претседателот на Собранието, Талат Џафери распиша избори за членови на Советот кои ќе се одржат на 20 август.