Кина забрзано гради огромен камп за карантин, кој може да прими над 4.000 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Десетици милиони луѓе во Кина се наоѓаат под строга блокада поради зголемениот број на случаи на коронавирус на почетокот на месецот.
Кампот се наоѓа на периферијата на Шијажуанг, главниот град на провинцијата Хебеј, што го опкружува Пекинг.
Кина во голема мера го запре ширењето на вирусот, а голем дел од земјата се врати во нормала. Сепак, големиот пораст на случаите во последните недели ги алармира властите.
Во новиот камп ќе бидат сместени блиски контакти на заразените, а властите во меѓувреме продолжуваат да спроведуваат обемна програма за лоцирање и тестирање на контактите.
„Првично беше планирано кампот да прими 3.000 луѓе, но проектот е проширен на 4.160 луѓе. Повеќе од 4.000 градежни работници ја завршија првата фаза за шест дена и ноќи“, потврди заменик-градоначалникот на Шијажуанг, Менг Ксијангонг.
Властите почнаа со изградба на 13 јануари. Секоја монтажна просторија има површина од 18 квадратни метри и има сопствен тоалет и туш, маса, стол, кревет, Wi-Fi и телевизор.
Вчера, во Кина беа потврдени 103 нови случаи и 58 асимптоматски, кои се бројат одделно. Минатата среда почина пациент во Хебеј, што беше прв смртен случај во Кина поврзан со Ковид-19 во последните 242 дена.
Вкупниот број на потврдени случаи на Ковид-19 во Кина сега е 88.557, а официјалниот број на починати е 4.635.