Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев: Органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост

(Видео) Заев: Органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост

Органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи, кажа Зоран Заев кој преку видеообраќање се обрати на сите граѓани во име на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива.

„Понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за пресадување и донори. Во таа насока секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Со едукација и споделување на пораката „Дарувај живот“, може секој ден да правиме по еден чекор за да помогнеме да спасиме и излечиме повеќе животи и да ја почитуваме и славиме дарежливоста и сочувствувањето на донорите“, вели Заев.

Секако, додава тој, нашите мисли постојано треба да бидат со оние кои во моментов чекаат на органи за трансплантација и за спас на нивниот живот, но и да се сеќаваме на оние кои починале чекајќи затоа што орган не бил дониран на време.

„Пресадувањето органи е едно од најголемите достигнувања на модерната медицина и нашите здравствени работници имаат сериозно искуство во оваа дејност. Минатото лето, во време кога целото наше внимание, сиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, нашите врвни лекари и асистентскиот медицински персонал се обединија и ја направија првата трансплантација на срце од починат донор. Ги здружија капацитетите, знаењата, искуството и стручност за да извршат зафат што претставува круна во кардиологијата и медицината воопшто. Сметам дека тоа е силно охрабрување и за дарителите на органи. Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите околу донирањето доколку сите ние повеќе зборуваме за тоа“, вели преимиерот.

Токму затоа, додава тој, за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Кражба во црквата „Свети Никола“ во Катланово, маж снимен како ги собира парите од иконите

Изминатите четири дена уапсени седум лица за безобзирно управување на возило

ЦУК предупредува: Поплавени куќи во Преспа и битолско, голем број реки се пред излевање