Претседателот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар Љупчо Николовски денеска се сретнаа со претседатели и претставници на партиите во коалицијата „Можеме“.
Од страна на коалициските партнери беше дадена целосна поддршка за Договорот за коалицирање со партијата ДУИ, како и вредностите и принципите кои произлегуваат од него, во насока на брза трансформација на државата.
Од СДСМ велат дека од сите политички субјекти во коалицијата „Можеме“, ќе бидат предложени квалитетни, чесни и одговорни кадри, кои, како што велат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи на новата Влада.
Пред присутните, претседателот Заев ги претстави главните приоритети на новата Влада за следниот четиригодишен мандат.
„ Новата Влада предводена од СДСМ главен фокус ќе стави на јакнење на економскиот стандард и уште поголема грижа за сите. Сериозно ќе се посветиме на реформи во јавната администрација и намалување на нејзиниот обем за 20 отсто. Истовремено, ќе се посветиме на прочистување на судството, проверка на имотот и капиталот на секој функционер и неселективна борба против корупцијата. Силно сме мотивирани на обезбедување чист воздух и здрава животна средина преку широка мобилизација на сите капацитети. Секако како еден од главните приоритети е и напредокот во евроинтегративниот процес преку почетокот на преговорите и отворањето на првите поглавја. За тоа да го реализираме потребни се чесни, одговорни и професионални кадри кои ќе раководат со институциите. Во овој период течат сериозни разговори со коалициските партнери за да се најдат најодговорните и најдобрите кадри за одредени ресори, со што секоја партија од оваа коалиција би дала свој удел во водењето на институциите во следните 4 години“, истакна Заев.
Претседателот Заев им честиташе на коалиционите партнери за победата на изборите на 15 јули, посочувајќи дека со победата се потврди европскиот пат на државата, тоа ни дава чест и обврска да работиме уште повеќе на домашен план во следниот четиригодишен мандат.