Утрински Весник
Економија

(Видео) Заев: Државата ќе интервенира со субвенции, визбите да го почитуваат договорот за откупните цени

(Видео) Заев: Државата ќе интервенира со субвенции, визбите да го почитуваат договорот за откупните цени

Премиерот Зоран Заев денеска во Кавадарци одржа состанок со здруженијата на лозари од Тиквешкиот регион во однос на откупните цени на грозјето, во услови на намалена побарувачка поради корона-кризата.

Тој истакна дека Владата ќе помогне со цел да се ублажат последиците врз производството на грозје и врз винската индустрија.

Премиерот ги презентираше владините предлог-мерки за помош на лозарите и винариите, во делот на откупните цени и планираната поддршка, кои, како што информираат од Владата, бил позитивно прифатени од лозарите.

„Она коешто како заклучок го извлековме е дека со 4 денари државата ќе интервенира за вранецот и смедеревката, а со 2 денари ќе интервенираме за високосортното грозје. Дополнително остануваме на супституција на транспортот со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино и 30 проценти супституција за флашираното вино. Ја отворивме и новата можност кон сите откупувачи да можат да откупат винско грозје и да го извезат како винско, за да ги намалиме количините со една стимулативна мерка. Тоа е ако откупат 12 милиони килограми сите заедно, тоа ќе го видиме на царинските декларации, ќе добијат 2 денари субвенција на тие 12 милиони килограми, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција. Целта е да стимулираме сето тоа што има како залихи брзо да се продаде надвор, а при тоа да има жед да се откупи она што е домашно производство“, наведе премиерот.

При тоа, Заев посочи дека сите заеднички треба да придонесат во надминувањето на проблемите и упати апел до винариите да го почитуваат договореното, односно смедеревката да се откупува по 9 денари за килограм, а вранецот по 11 денари за килограм, а државата ќе го исполни ветеното за 4 денари субвенција.

Заев нагласи дека ќе се разговара и со винарската визба „Тиквеш“ и дека низ дијалог ќе се најде взаемно прифатливо решение.

Премиерот во Кавадарци беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен