Излегувањето во јавноста и информациите изнесени од сопственикот на пропадната „Еуростандард“ банката отвораат три крупни дилеми, рече Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Првата, кои се тие субјекти кои пред време знаеле за пропаѓањето на банката со оглед на тоа што самиот сопоственик на банката посведочи дека во последниот период поголеми банкарски депозити биле изнесени од банката.
Јавноста е веќе запознаена дека меѓудругото и министерката за финансии на само месец и половина пред пропаѓањето ги извадила и последните депозити од самата банка. Кои се другите субјекти кои ги повлекле самите депозити?
Втората крупна дилема е дали е направено се за да се спаси банката, со оглед на тоа што сопственикот вели дека за истата биле заинтересирани и странски инвеститори.
Третата крупна дилема која ја отвора сопственикот на банката е нејзиниот имот. Дали недвижниот имот станува атрактивен за одредени кругови на власта?
Значи пропаднатата Еуростандард банка, вториот ТАТ докажува дека биле вадени банкарски депозити пред пропаѓањето, дека била спречена нејзина продажба и дека нејзиниот имот е атрактивен за одредени кругови на власта.
Со овој најнов случај се продолжува праксата на измамени штедачи, пропаднати бизниси и удари врз финансиските текови.
Поразителната статистика говори дека над сто илјади сметки се замрзнати. Во моментот толку правни и физички лица не може нормално да управуваат со своите финансиски средства.
Над 55 илјади пензионери и приматели на социјална помош остануваат без своите приходи. Следуваат неколку стотина отпуштања, и силен удар за Mакедонски пошти.
Дваесетина милиони евра остануваат непокриени.
Се уште нема одговор од владата и НБРМ зошто не е вклучен црвениот аларм кога веќе се знаело дека адекватноста на капиталот на банката паднал под законскиот минимум пред уште една година.
Сите овие бројки говорат дека Владата и припреди на државата уште еден сериозен финансиски удар. Станавме единствена држава во регионот каде банка пропаѓа и каде се покачуваат сметки за струја во време на силна економска криза“ додаде Димитриеска Кочоска.