Португалија, погодена од третиот топлотен бран од почетокот на јули, се бори со неколку пожари додека земјата до утре е во состојба на готовност поради заканата од шумски пожари. Попладнево речиси 2.000 пожарникари се мобилизирани за гаснење на пожарите низ државата, соопшти цивилната одбрана.
Најголемиот пожар беснееше во околината на Вила Реал, на крајниот север, а вчера почна да се шири и во внатрешноста на тешко пристапното планинско подрачје.
„Според привремената проценка, во пожарот изгореа 4.500 хектари“, рече на пладне националниот директор за цивилна заштита Андре Фернандеш во обраќањето до јавноста.
#IRVilaReal Incêndio | Vila Real pic.twitter.com/WYxAVRz1wF
— Henry Ferreira (@HenrySxm) August 21, 2022
Метеоролозите најавуваат температура до 40 степени
Во борбата против овој шумски пожар, Португалија денеска може да смета на помошта на два грчки канадери испратени како дел од европскиот механизам за солидарност.
Состојбата на тревога, која Владата ја прогласи вчера, го ограничува пристапот до шумите, забранува пиротехника и предвидува зголемување на нивото на мобилизација на помошта.
Португалскиот метеоролошки институт (ИПМА) соопшти дека за денеска и утре температурата во внатрешноста на земјата ќе биде блиску до 40 Целзиусови степени. Португалија, која годинава беше погодена од исклучителна суша, го имаше најтоплиот јули во последните речиси сто години.
Научниците предупредуваат дека климатските промени ја зголемуваат веројатноста за појава на топлина и суша, а со тоа и шумски пожари.