Утрински Весник
Македонија

(Видео) Герасимовски: Објектите и азбестот во „Треска“ ги чистат сопствениците, опасниот отпад ќе заврши на Дрисла

Започнува расчистувањето на просторот на поранешната фабрика „Треска“.

dobivaj vesti na viber

Денеска градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски беше на увид на локацијата во придружба на членови од општинските служби и инспектори од министерството за животна средина и просторно планирање.

Герасимовски истакна дека до општината пристигнале 36 барања за издавање решенија за отстранување од кои одобрени се 13, а отстранувањето на објектите ќе се одвива во неколку фази и тоа ќе го вршат самите сопственици.

„Веднаш штом Обвинителството ни дозволи активности на терен, започнавме процес и законски процедури за расчистување на објектите на напуштената фабрика. Отстранувањето на објектите и чистењето на целиот простор ќе го вршат самите сопственици, кои претходно до општината доставија барања за отстранување на објектите и начинот како ќе бидат истите отстранети“ – изјави Герасимовски.

Герасимовски изјави и дека моменталната состојба на просторот на фабриката особено по опожарувањето пред 5 месеци освен што преставува извор на зараза за жителите кои живеат во околината, претставува и нелегална депонија во срцето на општина и градот. Тој се осврна и на азбестот и неговото негативно влијание по здравјето на граѓаните.

„На територијата на „Треска“ има околу 40.000 метри квадаратни азбестен кров, кој исто така беше зафатен во пожарот. Уште тогаш кажав дека час поскоро, напуштениот индустриски капацитет треба да се расчисти. Отстранувањето на објектите и чистењето на целиот простор ќе го вршат самите сопственици, кои претходно до општината доставија барања за отстранување на објектите и начинот како истите ќе бидат отстранети. За чистењето на просторот, сопствениците на објектите имаат ангажирано и приватна компанија за надзор која ќе дава логистика за безбедно отстранување на азбестот, шутот и ѓубрето настанато пред и после пожарот и за сето тоа време тие ќе бидат под надзор на инспекциските служби за животна средина од Општина Центар“, рече Герасимовски.

Чистењето на просторот кај „Треска“ ќе се одвива плански и во неколку фази. Најпрво ќе се отстранува опасниот отпад, азбестните покриви, потоа ќе се срушат дотраените објекти, па ќе се отстранува кабастиот отпад. На крај, на целиот простор ќе се изврши дезинсекција, дезинфекција и дератизација, од причина што во комплексот врие од глувци, змии и други штетници, кои се исто така извор на зараза.

Герасимовски појасни дека отпадот ќе биде депониран во Дрисла, каде ќе биде соодветно уништен. Тој очекува депонијата во срцето на Центар која е сериозна закана по здравјето и животот на граѓаните да биде расчистена за неколку недели.

Можете да прочитате

УЈП казни речиси 300 угостителски објекти по контроли во трговски и туристички објекти низ државата

Лишена од слобода лекарка од Битола заради примање поткуп

Зголемени платите на пожарникарите во Струмица: Од сега ќе заработуваат 80.000 денари