Владата предводена од СДСМ и ресорното министерство продолжуваат со вистинска грижа и поддршка за земјоделците. За прв пат, воведуваме авансна исплата на грантовите наменети за млади земјоделци, истакна на денешната прес-конференција Гоце Георгиевски, претседател на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
„Почнувајќи од оваа година, младите земјоделци кои ќе аплицираат за грант, ќе бидат исплатени веднаш по склучување на договор за финансиска поддршка во висина до 40%. Грантовите се реализираат преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, и тоа преку мерката 112, помош за млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност, каде се доделува грант во висина од 10.000 евра и мерката 113, поддршка за поттикнување на земјоделското производство, со грант од 20.000 евра“, кажа Георгиевски.
Во време кога целиот свет се соочува со ограничени количини на храна и земјоделски производи, додаде тој, Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство презема навремени и ефикасни мерки за зголемување на домашното земјоделско производство.
„Обезбедени се повисоки субвенции за производителите на житни култури, се субвенционира нафтата за земјоделска механизација, набавката на вештачко ѓубре, а истовремено сето расположливо државно земјоделско земјиште се става на располагање на земјоделците. На овој начин ги поддржуваме земјоделците и го стимулираме домашното земјоделско производство“, појасни Георгиевски.