„Ние сме првата земја во Европа што ја доби кинеската вакцина. Јас најверојатно ќе бидам претставникот на власта што прв ќе ја прими вакцината од овој производител“, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.
Утрово тој го пречека авионот „Ер Србија“ на аеродромот „Никола Тесла“, со испораката на милион дози од вакцината „Синофарм“ од Кина. Кинеската амбасадорка Чен Бо, шефот на БИА, Братислав Гашиќ и министерот за здравство Златибор Лончар беа со претседателот на аеродромот.
„Ова е неверојатна работа. Не знам дали луѓето разбираат колку значи оваа пратка за нашата земја“, изјави Вучиќ пред новинарите.
Со пристигнувањето на кинеската вакцина, Србија ќе биде единствената што има на располагање три вида вакцини.
Доколку Агенцијата за лекови и медицински помагала (АЛИМС) издаде дозвола за употреба на кинеската вакцина веднаш, имунизацијата на здравствените работници кои изјавија дека сакаат да ја примат, може да започне в недела.
Вучиќ најави дека в понеделник ќе пристигнат уште околу 20.000 дози од вакцината на Фајзер, а потоа и уште 250.000 дози Спутник. Како што рече, Србија до јуни ќе има пет до шест различни вакцини.