На денешната вонредна прес-конференција, српската премиерка Ана Брнабиќ, зборуваше за криминалната група на Вељко Беливук и за луѓето од државниот врв кои му помагале.
„ Мислам дека е очигледно дека во целиот овој процес, некој што работел за државата, работел и за мафијата. Претседателот јасно стави до знаење дека имаме такви сомнежи и дека не смеат да се толерираат. И тогаш започна истрагата. Мафијата имаше некој во државните структури – во Министерството за внатрешни работи и можеби во некои други структури на државната безбедност. Сега го истражуваме сето тоа“ изјави Брнабиќ.
На прашањето дали се чекал политички налог, премиерката рече дека не се чекал.
„ Штом ги добивме информациите, веднаш се даде зелено светло сите да работат на ова. Дојдовме до резултати дека паднал кланот, кој е посилен и поопасен од Земунскиот клан“ додаде таа.
Брнабиќ потврди дека има нови детали во случајот, но истакна дека не може да ги открие бидејќи истрагата продолжува.